ЈАБОЛКО
Јабука
Сончеви зрнца гледам
Прелеани во нејзината кора.
Сета прелест се собрала
Во лакот на нејзиниот руј.
Тишина од далечна гора
Низ дршката се вовлекла.
Небаре сега втрчала
В дланки и в книги…
Похотно како љуба се нуди,
Дури лежи на чинијата.
Со тајни клучеви отвара уста
И ситен песок од сонцето сипува.
СЛАП
Слап
Оставаме прозорец отворен ноќе и срце
Со години. Како богови стиани гледаме
Горе во ѕвездите бремени, дури светлината
Се урива без звук во морето, кој би можел
Да трепери над камењата крајбрежни.
На небото свети едно око, друго не
Знам, нè мачат несоници дури старееме,
Мислејќи на смртта и патот. Навидум среќни,
Мислиме на ѕвездите и оставаме прозорец
Отворен за да гледаме горе.
Во тишината не го насетуваме слапот
На Месечината, кој како женската милност
Се покажува низ меките црти на телото,
Велам, не го насетуваме слапот на светлината,
Којшто кобно нè занесува и уништува.
ДЕВОЈКА И ЕЗЕРО
Девојка и језеро
На езерото се ронат првите капки.
Порој, потем сонце што слачно дрочи.
Во мене сјајот впишува невидливи стапки,
Убавина од која силно болат очи.
Небаре умората и правта испраа лик –
По водата се тркалаат златни зрна.
Сликата ја разубавува за краток миг
Девојката што претрча како срна.
Во душава пак на слап ромон многу тих.
Наслушнувам: тихота, птица, капка, стих,
Ме крева оваа ека бешумна и проста
Од болот и од сонот оддалечени доста.
Бездруго, прозрачната и чиста убавина
На вербата во животот и придаваат вистина.
МИР, МОРЕ, СОН
Мир, море, сан
Миг на самотност. Без врел здив на жена.
Соба над море, ронливи купчиња пена.
Лице во дланки, заталкани алтици:
Маса, книги, јаболки, сенки под петици.
Миг на тихота. Нештата позлатени од сјај:
Шума, птица, поле, в тревата ветер без крај,
Стара слика што мислата ја врати од песок,
На миговите што имаа поубав блесок.
Малото срце свиено в љубов, виток мост,
Придушена светлина напати го прска,
Клапнатата рака сраснува со прав, трска.
Мир. Заталкана коска, од телото откинат гост.
Набабрува виолетова кула од болот в корен:
Воспалени очи, огрубени сетила, трепет морен.
НЕПОЗНАТА СЕМКА
Непозната семенка
Ја гледаме името не и го знаеме
Не знаеме од неа што ќе никне
Нема, но полна со некаква тајна
Загадочно се смешка од дланките
Каде да ја засееме со колку сонце
Тишина со колку капки напоиме
Дали цвет со мирис или трн со отров сака
Да пушти целото око со сјај да го исполни
Скастрена во колената зелени
Дали нов ќе вивне виток лист
Сè помалку знаеме сè повеќе ја гледаме
Ке никне таа низ нашата подраспукана душа
ДОЖД И СТРАКОВИ ТРЕВА
Киша и влати
На танчарката на дожд
Порој. Мирис на дожд, од секоја тревка ерос дише.
Босонога, во сон и во транс, замаена сета.
Танц на водата, секој дамар се ниша стишен.
Летна сеанса – од ништо и нигде незапрена пета.
Ритам на капки, во потсвесното ехо ноти пеат,
Насекадеполен и опоен мирис липата излева,
И небаре в сон, дождот и нежните тревки беа
Зелена светлина во дланките што се прелева.
Мокра коса, на телото фустанот припиен,
Го игра на дождот животниот танц во треска,
Како кошута во скок, со грб благо извиен.
Божица на дождот од која убавината блеска.
Ја гледаме затечени од тоа блескаво чудо –
Танчарката на дожд или момето лудо.
ЅВЕЗДИ НА ЗГЛАВЈЕТО
Звезде на узглављу
Таа раздвоеност
Прелест на добата во струкот
Бакнежи што траат
Бледа во исчекувањето
Ги следи таа мојот поглед
И патот на мојата рака
Го знам тоа навестување
Тајниот знак на љубовта
Потстиснати раменици
Очи затскриени под латици
Пријатен страв во телото
Бела небаре воден цвет
Толку млада и нежна
Не смеам ниту в песна
Тихум да ја внесам
Останаа ноќните бакнежи
И доцните ѕвезди на зглавјето
САКАНА
Драга
Витка, на песокот од топлото лето, лежи саканата
Има очи отворени нурнати длабоко во небото
Загадочно насмевната ја чува својата тајна
Пристигнувам, легнувам крај неа чекам
И во моите очи да влезе парче лето
Чекам цела вечност и повеќе
Не сум среќен среќна е мојата сакана
Таа сета се престорува љубов и
Се засркнува од смеа необјаснива
Кога и да посака со усните пали ново сонце
И со тенките раце го спушта од височините
БЕЛЕШКА ЗА МОМЕТО
Белешка о девојчици
Телото ти е море моме а рацете бранови
Очите со боја на вода од нив невиност зрачи
Сиот мај во косата ти спие цветни кругови
Од твојот здив мене во свеста ми се мрачи
Гледам: од твоите дланки галеби летнуваат
Во твоите мишки паднато сонце дреме
Во полето на твоите зборови срни мируваат
По тебе цветаат багреми и носат бреме
Телото ти е море моме а во твојата става мека
Мала кошута од далечни предели дише и чека
Има нешто во песокот во далгата некоја боја
Од твојот немир и од твојот разигран од
Ти би сакала малечка сега да бидеш моја
Зрела како портокал како јужен плод
ОЧИТЕ НА МОЈАТА САКАНА
ДОДЕКА МЕ ИСПРАЌА
Очи моје драге док ме испраћа
Мојата сакана има очи како капки дожд во роза
Додека ме испраќа на прагот од нашиот дом
Под покривот на нашите години игра темно сонце
Во дамарите наши светкаат молњите на очајот
Преку виолетовите ридови се лизга топлиот здрач
И влегува во мојата сакана како крадец на мириси
Саканата моја увото го става на школка и не
Слуша ништо освен ударот на далгите морски
Таа со рацете мавта како ластовица и не гледам
Веќе ништо но ја љубам саканата во милното око
И насетувам горки години на отсутност пусто е
Во сите нешта срцето останува напукнато
ДУЊА ИЛИ ЖЕНА
Дуња или жена
Ех да си дуња, мирисот нејзин, отпечаток свежина
Боја што заведува око и мислата ја води далеку
Голо месо облечено во магла од копнеж, тие
Бокови под фустанот низ наборите на ветрот
Мислев, како да те нацртам нестварна
Додека трчаш по морската шир и се губиш
Далеку бела плот во една точка како галеб
Бегав од самиот себе се откорнував од душата
И ја цртав бојата на твоите зеници со моја мисла
Заминував во непознатото го иследував малото срце
На дуњата од мојата маса со окото ја следев трагата
Обликот на твоето тело богат како руменото од кората
МОМЕТО ШТО ГИ СОБИРА СВОИТЕ КОЛЕНА
Девојчица скупља своја колена
Момето ги потсобира своите бели колена
Две грутчиња светлина, две капки нежност
Цветови што се шират низ латици
Смерна, ги сака таа моите дланки врз нив.
Крвта моја ја изнесува пред чудесна светлина
Но не ги отвора цврстите катанци љубовни
Не помагаат бакнежите ниту пламенчињата
Што вивнуваат потајум во зениците длабоки
Белината и е пространа во априлот на младото тело
Гледам, ништо не сум научил од првиот бакнеж
Само гладта станала поголема низ годините
Утрото го чекаме во тревата и светлината далечна.
Препев од српски на македонски Весна Ацевска
ЈОВИЦА ЃУРЃИЌ е роден на 3. 10. 1949. година во Глоговица кај Добој, Република Српска. Поет и прозаист. Дипломирал на Педагошкиот факултет во Риека. Член е на Сојузот на писателите на Србија и на Сојузот на писателите на Република Српска.
Автор е на триенаесет книги песни и проза за деца и возрасни. Објавувал во многу весници и списанија. Одделни прилози му се преведени на англиски, руски, италијански, полски, чешки, турски, словенечки, македонски и др. јазици. Застапуван е во разни антологии и избори од современото книжевно творештво создавано на српски јазик.
Објавени книги:
ДЕВОЈКАТА ШТО СПИЕ/Уснула девојка, песни, Светлост, Сараево, 1974;
ЛАРИСА, песни, РКД, Риека, 1974;
ВИОЛЕТОВО ГОРЈЕ/Љубичасто горје, песни, Светлост, Сараево, 1976;
СОНЧЕ СКЛОПИОЧИ/Санак Склопиочић, приказни за деца, Отокар Кершовани, Риека, 1983;
АМА ЈА САКАМ АНА/Како волим Ану, песни за деца, ИЦ Риека, Риека, 1983;
РАЦЕТЕ НА ВЕЧЕРНИТЕ ЉУБОВНИЦИ/Руке вечерњих љубавника, песни, ИЦ Риека, Риека, 1984;
ПРЕЛЕСТНО ТЕЛО/Љупко тело, песни, Партизанска книга, Љубљана, 1985;
КОШУТА И ЛОТОСИ/Кошута и лопчи (The Roe and Water Lilies), двојазично издание, Викенд книга, Белград, 2000;
ИСТРГНАТ РАКОПИС/Истргнути рукопис, песни, Интерпресс, Белград, 2004;
НЕЈЗИНИТЕ ОЧИ МОРЕ/Њене очи море, песни, библиофилско издание (21 примерок), Книжевно ателје Арт, Малинска, 2004;
ЖИРАФАТА ЖЕРАЛДИНА/Жирафа Жералдина, песни за деца, прво издание: Ars Poetica, Белград, 2005; второто: 2006;
ОЧИТЕ НА СИМОНА/Симонине очи, приказни за деца, прво издание Bookland, Белград, 2006; второ издание: Ars Poetica, Белград, 2006;
УБАВО Е ДА СЕ БИДЕ ДОМА/Лепо је бити код куће, песни за деца, Bookland, Белград, 2008; второ издание: Ars Poetica, Белград, 2008.
Наградуван на книжевни конкурси. Двоен добитник на наградата “Drago Gervais” (“Драго Жерве”), Риека. Добитник е и на Златна значка на Културно-просветната заедница на Србија.
[email protected] www.jovicadjurdjic.com